Вкупно осумнаесет лица се примени синоќа во кочанската Општа болница со повреди здобиени во пожарот што избувна вчера доцна попладне во фабриката за кондиторски производи „Макпрогрес“, позната по брендот Винчини, во Виница, соопшти Радио Кочани.
Дел се задржани во Кочани, дел од нив се препратени на клиниките во Скопје, но сите се во стабилна состојба, изјавила за радиото Оливера Цимбаљевиќ, анестезиолог, раководител на одделението за анестезиологија и реанимација во кочанската Општа болница.
-Петмина од нив се наоѓаат на хирургија, од нив четворица се со изгореници на нозете од прв и втор степен. Петтиот што е задржан на хируруршкото одделение е со инхалациони (токсиколошки) повреди. Други петмина повредени во пожарот во „Макпрогрес“ се згрижени на интерното одделение во Општата болница во Кочани. Сите се со инхалациони повреди (вдишување чад), односно со токсиколошки наод. Шест други лица веднаш се препратени на Клиника во Скопје, сите затруени со чад од огнот. Преостанатите заминале после укажаната лекарска интервенција, вели др. Цимбаљевиќ.
Сите примени во Болницата во Кочани се во стабилна состојба.
Пожарот во фабриката за кандирани производи и вафли во Виница избувнал вчера во 18.40 часот, во магацините и производствените погони 6, 7 и 8.
Деск

