Синоќа во Кавадарци се одржа втората гроздоберска вечер, на која присуствуваа илјадници посетители од цела земја. На градскиот плоштад владееше весела атмосфера со звуците на Куку Леле, Андријана Петрушовска, а на крај настапи и музичката гостинка од Србија, Наташа Беквалац.
Околу бројните штандови беа поставени високи маси на кои се служеа квалитетни вина од Тиквешкото поднебје, а вниманието на присутните го привлече група на млади луѓе кои на уникатен начин решиле добро да се забавуваат и наместо да плаќаат резервација на маса, со себе од дома си понеле мал мобилен фрижидер со ладни пијалоци.
Фрижидерот поставен среде плоштад, врз него тањирот со закуски, а околу него разиграни и расположени лица – сликата измами многу насмевки на лицата на присутните граѓани, а и коментари во стилот дека кавадарчани се снаодлив народ, кој во името на добрата забава, секогаш има интересни идеји.
Вечерта помина во знакот на добрата забава, а покрај музичките гости кои го преполнија плоштадот со публика, преполни беа и угостителските локали, каде настапуваа познати имиња од домашната музичка сцена.
Богатата културно-забавна гроздоберска програма продолжува и денес, а ќе биде затворена во доцните часови со концерт на Харис Џиновиќ.
В.К.
Гроздоберски финти во Кавадарци: Фрижидерчето од дома во рака, и право на концерт!
1 Min Read

