Македонските фанови на популарниот музичар Дино Мерлин со нетрпение го очекуваат неговиот концерт кој ќе се одржи во Штип на 20-ти септември, во склоп на општинската манифестација Штипска пастрмајлијада. Тој ќе настапи на Градскиот стадион, и веќе се актуелни понудите за организиран автобуски превоз од речиси сите градови во земјава.
Кога е Мерлин во прашање, повозрасните генерации се сеќаваат на неговите музички почетоци во 1983 година, а веќе во 1985 година стана препознатливо име на Југословенската сцена, откако го сними првиот албум ,,Кокузна времена”.
Но, покрај своите песни кои со тек на време стануваа евергрини, тој зад себе има и голем број на дуети, а како еден од оние, безвременските е ,,Јорговани” кој го сними со Весна Змијанац.
Околу тоа како се случила дуетската песна, Мерлин раскажува во емисија на Јутјуб каналот Кликс.

-Јас сакам маратони, а не трки на 100 метри. Значи сакам кога мојата песна ќе се слуша и после 30, 40 години.
Евергрин дуетот ,,Кад замиришу јорговани” со Весна е од 1988 година, но за неа имам напишано и други песни. Кога ја напишав ,,Јорговани” на својот менаџер Кемал му реков дека имам хит за сите времиња. Му кажав дека сакам да снимам дует, но не знаев со кого. И додека седевме во кафеана, тој на шега ми рече да ја снимам песната со Весна. Беше околу еден часот на пладне, јас веднаш го удрив Кемал со лактот, тој веднаш влезе во жолтиот Голф и тргнавме кон Белград.
Стигнавме на улица ,,Таковска 10” околу седум часот навечер, долг беше патот, но не ми дозволија да влезам внатре, каде Весна го снимаше своето шоу. Разговарав со чуварот, и видов дека Кемал веќе влегол внатре, стигнал до Весна и и кажал дека имам песна за неа.
На полноќ се сретнавме во студиото Аквариус, таму беше Коренлије Ковач, уште неколку лица, како и сопругот на Весна кој тогаш и беше менаџер.
Ја отсвирав ,,Јорговани”, Весна бараше да ја свирам уште неколку пати. На сите им влезе во уво, па таа го запре целиот проект кој и беше започнат и ние ја снимивме песната. Набргу снимивме и видео запис, и за 15 до 20 дена песната ја виде светлината на денот. Таа влезе во уво, но и во срце на публиката. Сето останато е легенда, раскажа музичарот во емисијата на Кликс каналот.
Освен за Змијанац, тој има напишано песни кои набргу станале хитови и за Лепа Брена, Цеца, Здравко Чолиќ, Жељко Јоксимовиќ, Ивана Банфиќ, Нина Бадриќ и други.
Деск

