-Пред седум години го живеев најтешкиот период во мојот живот. Ми почина сопругата во сообраќајна несреќа, останав сам да се грижам за седум-годишната ќерка и за мајка ми која е неподвижна, живеевме како потстанари, голема беспарица. И во тој период се најдоа добри луѓе, некои од нив беа јавни личности, некои сосема обични луѓе кои сакаа да ми помогнат. Од скапиот живот во Сплит се преселив во селото Муќ, и започнав од почеток. Направив градина, започнав да одгледувам зеленчук. Се започна пред две години, кога имав добра берба на блитва, и решив да дојдам во Сплит и да им ја поделам бесплатно на пензионерите- така започнува приказната на Здравко Јеличиќ, човекот кој стана познат во јавноста како Херојот од полето.

Тој секоја втора недела од своето село со автобус оди во Сплит и носи бесплатна храна од својата градина. Но освен блитва, компир, тиквички, цреши и друго сезонско овошје, тој носи и домашни јајца. Досега во изминатите две години подарил над 2.000 јајца, над еден тон блитва, 1.300 килограми компири… Сите градинарски производи ги носел со автобус, бидејќи немал возило, ниту пак возачка дозвола. За него во повеќе наврати пишуваат хрватските медиуми, а има добиено и голем број на признанија за својата хуманост.
-Кога мене ми беше тешко, непознати луѓе ми помогнаа. Сега јас помагам на другите. После трагедијата, ова ми е како еден вид на терапија. Оние кои имаат потреба од храна доаѓаат секоја втора недела пред рибарницата на Пешкарија, земаат она што им треба. Малку е тешко што морам да носам се со автобус, но планирам наскоро да започнам со часови за возење, па да купам автомобил, раскажува добриот човек за хрватските медиуми.

