-Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на ОЈО Скопје за определување краткотраен притвор за 4 лица, кои доцна синоќа беа спроведени во судот а поврзани со пожарот кој на 13.09.2025 година се случи во Трубарево – Скопје, донесе решенија со кои го прифати предлогот и на: В.М., З.С., М.Д. и Л.Д. им определи мерка притвор во траење од 48 часа, соопштија од скопскиот Кривичен суд по повод катастрофалниот пожар во објект на фирма за електронски отпад Ф-Групација во скопското село Трубарево.
Откако завчера избувна пожарот, во повеќе медиуми се објави вест дека сопственик на Ф-Групација е Даниела Нелепа Дамеска, но според последните информации, сопственичката структура во компанијата е променета, бидејќи Дамеска починала кон крајот на месец март годинава. Веста за нејзината смрт беше потврдена на социјалните мрежи и од членови на нејзиното семејство.
Сега, помеѓу притворените е и нејзината ќерка Лора Дамеска, која е управителка на компанијата.
Опасниот отпад во рециклаторениот центар на „Ф-Групација“ во скопско Трубарево, соработник на компанијата „Нула отпад“ која е е овластена за преземање отпадна електрична и електронска опрема и отпадни батерии и акумулатори, литиум-јонски батерии од апарати и возила, како и секаков електронски отпад, гореше околу 15 часа. Објектот со опасен отпад кој гореше всушност бил штала, наменета за складирање на отпадни електрични материјали.
За Ф-Групација пак, според податоци објавени на официјалната страница на CompanyWall Business, деловна платформа за проверка на најважните финансиски податоци, за сите деловни субјекти на територијата на Македонија, наведено е дека компанијата вкупно брои 15 работници, додека просечната бруто плата по вработен е 54.949,35 денари месечно.
Во 2024 година компанијата остварила вкупни приходи од 21.393.269,00 денари. Податоците на платформата не се ажурирани, па таму се уште пишува дека Даниела Нелепа Дамеска е актуелен директор на компанијата.
Министерот за животна средина и прв вицепремиер Изет Меџити информираше дека објектот на компанијата „Групација-Ф“ во Трубарево има важечка дозвола за управување со отпад издадена од Министерството во 2021, која има важност до 2031 година.
Вики Клинчарова
Сопственичката на Ф-Групација починала пред околу пет месеци, нејзината ќерка и уште три лица се притворени поради пожарот во Трубарево
2 Mins Read

