Кавадарци доби нов модерен спортско-рекреативен комплекс. Денеска официјално беше пуштен во употреба целосно реконструираниот Градски базен, во присуство на претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски, министерот за спорт Борко Ристовски, градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, како и бројни гости и граѓани.
Со инвестиција од околу 1 милион евра, обезбедена преку вториот јавен повик на Владата, стариот базенски комплекс е целосно обновен и модернизиран. Проектот опфати реконструкција на големиот и малиот базен, изградба на нов современ систем за филтрација и пречистување на водата, како и поставување нови содржини за забава и рекреација.
Посетителите од денес ќе имаат можност да користат нови водни атракции, тобогани, детски водни реквизити и современо детско игралиште. Дополнително, целосно се обновени соблекувалните, тушевите, санитарните јазли, лекарската просторија, пристапните патеки и останатите придружни објекти.
На свеченото отворање беше истакнато дека овој проект претставува значајна инвестиција за развојот на градот, не само во областа на спортот и рекреацијата, туку и во унапредувањето на туристичката понуда и квалитетот на живот на жителите.
Реконструираниот Градски базен повторно ги отвора своите врати за граѓаните, нудејќи простор за спортски активности, одмор, дружење и летна рекреација за сите возрасни категории.
Со овој проект, Кавадарци продолжува со реализација на капитални инвестиции насочени кон создавање современа урбана средина и подобри услови за своите граѓани.

