Платформата за родова еднаквост се огласи со реакција и ги објави своите барања, по случајот со двојното убиство и самоубиство во Велес. Од таму истакнуваат дека бараат оставки од одговорните службени лица, формирање на независна истрага за пропустите на институциите, воспоставување на протокли за постапување по пријави за насилство и закани, санкции за службените лица кои не постапуваат, но и поддршка за одржување на протести за да се покаже дека женските животи не се преговарачка валута.
Во продолжение, реакцијата и барањата на платформата:
На 15-ти септември 2025 година во Велес се случи двојно убиство: 39годишен маж од Скопје ja нападна со нож својатa поранешна партнерка (31 година) и нејзиниот татко, а потоа изврши самоубиство. Според медиумите, случајот бил добро познат на велешката полиција бидејќи жртвата претходно го пријавувала за насилство и закани по нејзиниот живот. Иако му била изречена забрана за приближување и неодамна завршил судски процес за „загрозување на сигурноста“ и „телесна повреда“, институциите не успеале да ја заштитат жртватa
Оваа трагедија — e уште еден пример на фемицид. Северна Македонија во 2023 година ги измени одредбите на Кривичниот законик и за прв пат конкретно ги дефинира и криминализира фемицидот, женското генитално осакатување, прогонувањето и сексуалното вознемирување. Овие измени беа поздравени како чекор напред во регионалните напори за препознавање на фемицидот; Северна Македонија стана првата држава во Западен Балкан што го криминализира фемицидот и воведе нови кривични дела поврзани со родово базирано насилство.
Сепак, најновиот случај покажува дека самата законска рамка не е доволна без ефикасно спроведување, соодветни протоколи и одговорност на институциите.
Како Платформа, сме морално обврзани да повикаме на одговорност и да ја надминеме рамката на едноставни реакции. Нашата заедничка реакција и барањата се насочени кон четири области:
1. Институционална одговорност и санкции
Итни оставки и дисциплински постапки: бараме оставки на одговорните службени лица и покренување дисциплински постапки против полицајци, обвинители, судии и центри за социјална работа кои не постапиле по пријавите за насилство и закани во овој и слични случаи.
Независна истрага: бараме формирање независна истрага за институционалните пропусти во случајот. Јавното обвинителство мора да открие кој дозволил кршење на издадени мерки за заштита и зошто не биле спроведени постоечките протоколи.
2. Специјализирани механизми за заштита на жените
Задолжителни протоколи: да се воспостават и јавно објават обврзувачки протоколи за полицијата, центрите за социјална работа, обвинителството и судството за постапување по пријави за насилство и закани, со јасни рокови и одговорности.
Зголемени ресурси и капацитети: да се обезбедат повеќе средства, персонал и обуки за центрите за социјална работа, полицијата и судството со цел да се обезбеди навремена заштита. Протоколите мора да предвидат санкции за службените лица кои не постапуваат.
3. Законска рамка и стратегии за превенција
Имплементација на законите за фемицид: иако фемицидот е веќе дефиниран како кривично дело, бараме целосна имплементација на одредбите преку континуирана обука за судии, обвинители и полиција, со фокус на родово чувствителна судска практика.
Стратегија и акциски план: да се развие национална стратегија за превенција и заштита од фемицид со јасни индикатори, механизми за следење и наменска буџетска линија. Стратегијата треба да опфати програми за едукација, рана интервенција и реинтеграција.
4. Општествена одговорност и јавен притисок
Прекинување на заштитата на насилниците: бараме политичките партии, бизнисите и медиумите да запрат со директна или индиректна заштита на сторителите. Користењето лични врски за избегнување на одговорност мора да престане.
Јавни протести и солидарност: го поддржуваме организирањето јавни протести, перформанси и собири за да се покаже дека женските животи не се преговарачка валута. Граѓаните, организациите и медиумите се повикуваат да се приклучат и да бараат системски промени.
Деск
Оставки, независна истрага за пропусти на институциите и протоколи за постапување по пријави за закани и насилство, бара Платформата за родова еднаквост
3 Mins Read
Previous ArticleОд „Гоце фест“ до ,,Октобарфест“ во Ѓорче Петров

