Општина Неготино се подготвува за манифестацијата Неготинска музичка вечер, која ќе се одржи на 19-ти септември (петок) на градскиот плоштад. Како што истакнаа од кабинетот на градоначалникот д-р Горан Стојанов, се очекува масовна посетеност, а главна музичка ѕвезда на вечерта ќе биде српската поп-фолк пејачка Милица Павловиќ. Покрај неа, ќе настапат и Жаре Бербер и Диџеј Тодороф, а водител ќе биде Стефан Лазаров.
Целокупниот настан ќе изнесува 28.000 евра, за ВИКИМЕДИА потврдија од општината.
-Во сумата од 28.000 евра спаѓа комплетната организација на Неготинска музичка вечер. Значи, со овие средства се покриени хонорарите на изведувачите и на водителот, бината, професионалното озвучување и осветлување, снимање со дрон…
Сите средства се обезбедени од општинскиот буџет, бидејќи и оваа година немаше интерес да се вклучат спонзорите, односно општествено – одговорните компании од општината.
Веќе се одржаа повеќе состаноци со цел да имаме беспрекорна организација, каде граѓаните ќе можат да се забавуваат, а истовремено посебен акцент е ставен и на безбедносниот аспект, затоа што очекуваме голем број на посетители, не само од Неготино, туку и од други општини.
Сите институции, како МВР, ПТТЕ Неготино, Итната помош и голем број на редари се вклучени, а имаме ангажирано и поголем број на волонтери. Тие ќе бидат препознатливи по зелените елеци, па на било кој од присутните да му треба помош или некаква информација, ќе може да им се обрати во секое време, истакнаа од градоначалничкиот кабинет.
Од таму додаваат дека наредниот период, односно во месец ноември, градот го очекува уште една манифестација – Неготинско младо вино. Станува збор за настан кој за првпат се одржа во 2023 година, и чија цел е промоција на младо вино од локалните винарии, како и на маџун, мед и познатата неготинска пита. И на оваа манифестација настапуваат музички гости.
Вики Клинчарова
Општина Неготино соопшти колку пари се одвоени за Неготинска музичка вечер: Нема спонзори, целиот настан е покриен од општинскиот буџет!
2 Mins Read

