Традиционалната општинска манифестација во Радовиш, ,,Самун ем татлија” годинава нема да се одржи по предлог на градоначалникот Ацо Ристов. За Канал 77, тој открива дека причината за неодржувањето, кое ќе важело само за оваа година, била трагедијата во Кочани.
-Во годината кога цела држава е завиена во црно од настанот во Кочани, несоодветно е ние по плоштадите масовно се веселиме, па така решивме да се покаже почит. Ова е само за оваа година, догодина очекувам да се нормализираат работите, изјавил Ристов за Канал 77.
Веста веќе се прошири и на социјалните мрежи, а реакциите на радовишани се поделени. Додека едни излегоа со поддршка за одлуката, други сметаат дека традицијата не смее да се прекинува.
Настанот досега се организираше десет пати во минатото. Траеше три дена, и се промовираа радовишки специјалитети, а настапуваа музички гости од земјава и странство.
Лани настапија Милица Тодоровиќ, Жаре Бербер, Миле Кузмановски, Пеѓа Меденица и други. Во годините наназад имаат гостувано Милица Павловиќ, Црвена Јабука, Игор Џамбазов, Јелена Розга, Лозано, Мирослав Илиќ, Синтезис, Хари Мата Хари и многу други домашни и регионални музичари.
Општина Радовиш е прва во земјава која во знак на поддршка и емпатија за граѓаните на Кочани откажа забавна манифестација. Останатите градови веќе потрошија стотици илјади евра за настапи на пејачи и пејачки на плоштадите.
В.К.
Откажана радовишката манифестација ,,Самун ем татлија”: Несоодветни се веселби на плоштади кога државата е во црно од трагедијата во Кочани!
2 Mins Read

