Во вчерашната тепачка која се случи во Неготино, во угостителски локал, а се одвивала помеѓу две групи, повредена била 25-годишна девојка, која не е поврзана со никој од инволвираните во настанот, туку била дел од присутните гости кои се забавувале во локалот. Таа била случајно удрена во слепоочницата, по што побарала и медицинска помош во неготинската болница.
Информацијата објавена во дневниот билтен на СВР Велес, дека девојката пријавила како во угостителски објект во Неготино, лицето Д.Т. физички ја нападнало, по што настанала физичка пресметка помеѓу две групи, вели дека е целосно неточна и веќе се јавила во Секторот за внатрешни работи и побарала исправка на истата.
Инаку, веста од дневниот полициски билтен веќе се објави во повеќе медиуми, и девојката вели дека со цел да се дознае вистината за целиот случај, каде нејзиното име неправедно се спомнувало како причина за тепачката, јавно реагира.
Таа и нејзините родители (идентитетот е познат на редакцијата на ВИКИМЕДИА) се обратија со барање, во име на вистината за настанот, да го објавиме нејзиното сведоштво.
-Непријатно ме изненади веста дека јас сум била физички нападната, по што настанала физичка пресметка помеѓу две групи во неготински локал. Вистината е дека јас бев случајно повредна во тепачката која се случуваше во објект каде бев присутна, и каде имаше многу други гости, а побарав и медицинска помош поради повредата. Полицијата е известена за настанот, затоа ме вознемири податокот од дневниот билтен, во кој се тврди дека сум била повод за тепачката.
Со моите родители се обративме и до Секторот за внатрешни работи Велес и баравме исправка на веста, и се надеваме дека истата ќе биде извршена и објавена, односно доставена до медиумите, во интерес на правата вистина за немилиот случај, истакна девојката.
Според информација од СВР Велес, поради масовната тепачка во локал во Неготино, од слобода биле лишени пет лица, известен бил јавен обвинител и се преземале мерки за расчистување на настанот.
В.К.
Сведоштво на девојката која била повредена во вчерашната тепачка во Неготино: Во физичка пресметка помеѓу две групи, јас случајно бев удрена!
2 Mins Read

