Седум локални манифестации посветени на домашната храна, земјоделското производство, руралната жена, задругарството, лозарството и локалните традиции ќе бидат реализирани со поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Вкупно 1.048.509 денари се обезбедени за техничка поддршка на организирањето локални манифестации и саеми од областа на земјоделството и руралниот развој. Договорите за поддршка ги потпиша министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски.
Средствата се доделени по спроведен јавен повик на кој пристигнале 26 предлози. По завршената административна проверка и оценувањето на пријавите, седум манифестации ги исполниле условите за добивање техничка поддршка.
„Домашното производство не се зајакнува само со зголемување на произведените количини. Важно е производот да биде препознаен, соодветно вреднуван и да го пронајде својот пат до потрошувачите. Локалните манифестации и саеми ја создаваат токму таа врска – ги доближуваат производителите до купувачите, овозможуваат размена на знаења и искуства и внесуваат нова економска енергија во руралните средини“, изјави министерот Серафимовски.
Поддршка за организација добија седум манифестации низ земјава. Меѓу нив се „Од зрно до погача“ во организација на Здружението за рурален и регионален развој „Блесок“ од Радовиш, „Ден на задруги 2026“ на Земјоделската задруга „Шари“ од Тетово, како и „Рурална жена – силата на Пелагонија“ на Здружението за земјоделци „Современо земјоделство“ од Битола.
Поддржани се и манифестациите „Храна за сите“ на „Слоу Фуд Водно“ од Скопје, „Тиквешија – плодна лоза благородна 2026“ на здружението „Винотек“ од Кавадарци, „Корени и трпеза – рурална жена денес“ на „Слоу Фуд Прилеп“, како и „Компиријада 2026“ во организација на Општина Кратово.
Од Министерството велат дека целта на овие активности е поголема промоција на домашните земјоделски производи, поврзување на производителите со потрошувачите и создавање нови можности за економски развој во руралните средини.
Преку локалните манифестации, земјоделските производители добиваат можност за претставување на своите производи, размена на искуства и зачувување на традициите кои се дел од културното и земјоделското наследство на земјата.
СО НАД 1 МИЛИОН ДЕНАРИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗЕМЈОДЕЛСТВО ПОДДРЖА ЗА СЕДУМ ЛОКАЛНИ МАНИФЕСТАЦИИ
2 Mins Read
Previous ArticleЧИЧКО НЕНАМЕРНО ГО ПРЕГАЗИЛ ВНУКОТ ВО ДВОРОТ НА СЕМЕЈНАТА КУЌА

