Јован Златевски, претседател на Републичкиот сојуз на здруженија на лозаропроизводители, како и претседател на Потсекторската група за лозарство и винарство при МЗШВ, поднесе оставка од функциите. Во отворено обраќање до јавноста, тој ги образложи мотивите за оваа одлука, и како што наведува, најголемата причина за поднесувањето на оставката е тоа што не добил поддршка од институциите за неговите иницијативи, кои биле во насока на подобрување на состојбата во лозарството.
Во прилог, обраќањето на Златевски:
-Почитувани лозари,
Во изминатите две години, со целосна посветеност и со голема одговорност, ги извршував функциите на претседател на Републичкиот сојуз на здруженија на лозаропроизводители, како и претседател на Потсекторската група за лозарство и винарство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија. Секојдневно го вложував својот труд и енергија за подобрување на состојбата на лозаропроизводителите и целиот сектор, со цел да се обезбедат подобри услови за работа и развој.
Во текот на мојот мандат, моите активности и иницијативи беа насочени кон повеќе аспекти на развојот на лозарството и винарството, меѓу кои:
1. Подигнување на стандардот на лозаропроизводителите – со цел подобрување на условите за работа на сите производители.
2. Укинување на 8% одредбата при исплатата на откупеното грозје, која претставуваше значителен товар за лозарите.
3. Исплата според квалитетот на грозјето и шеќерните единици, што би ги стимулирало производителите да посветат поголема грижа на квалитетот.
4. Примена на стратегијата за развој на лозарството и винарството, со цел систематски и долгорочен напредок на секторот.
5. Отворање на задруги и субвенционирање до 90% за подигање нови модерни лозови насади и модернизација на постојните, со цел развој на конкурентни и современи производствени капацитети.
Сите овие иницијативи имаа за цел подобрување на положбата на лозарите и на целокупниот сектор. За жал, ниту една од овие значајни и неопходни промени не доби поддршка од надлежните институции. Ситуацијата што произлегува од оваа неуспешност ме доведе до заклучок дека, во моменталните услови, не сум во можност да постигнам значајни резултати, кога одлуките и реформите не се реализираат.
Во тој контекст, и со големо жалење, одлучувам да поднесам оставка од функциите што ги извршував досега. Сметам дека, за да се биде ефективен и успешен, е потребна поголема волја и соработка од сите надлежни институции. Бидејќи не можам да продолжам да работам под овие околности, се повлекувам од функциите, со надеж дека во иднина ќе се создадат услови за посериозна поддршка на лозаропроизводителите и развој на лозарството и винарството.
Се заблагодарувам на сите што беа дел од мојата работа и на сите што ја поддржаа мојата визија за напредок на секторот, објави Златевски.
Претседателот на здруженијата на лозаропроизводителите поднесе оставка: Без соработка од институциите, не можам да постигнам значајни резултати!
3 Mins Read

