Мртви над 40 кучиња во Кичево! Дел застрелани, дел отруени во еден ден.
Два дена не реагиравме. Сакавме да видиме дали некаде ќе се чуе барем збор – од Фатмир Дехари, градоначалникот на Кичево, од општината, од било која институција што е должна да ја информира јавноста и да го осуди делото.
Два дена – ништо. Молк.
Како да е сѐ нормално. Како да е прифатливо да живееш во град опколен со отров и оружје, реагираат од Здружението за заштита на животните Анима Мунди.
-А на улиците на Кичево, пред очите на луѓето, животни умирале во мака, гушејќи се во сопствена крв и повраќаница, во близина на основното училиште „Санде Штерјоски“.
Отруени со супстанции што можат да усмртат и човек, други застрелани со огнено оружје – оставени покрај училишта и домови.
Ова не е инцидент. Ова е умоболна пракса што ја гледавме пред петнаесет години, и многу добро знаеме како завршува таа приказна.
Такво нешто може да направи само масовен убиец, психопат или институција што организира ликвидација – никој не тепа цел град животни сам, истакнуваат од здружението, од каде упатија отворени прашања до Фатмир Дехари, градоначалникот на Кичево.
-Фатмир Дехари, прашуваме јавно:
Дали е нормално во вашиот град да се убиваат животни со екстремно разорни отрови што за помалку од пет минути можат да усмртат дете?
Дали е нормално некој вооружен да шета низ градот и да стрела по животни додека граѓаните спијат?
Пријавивте ли во полиција?
Како за половина час беа собрани и фрлени 40 трупа од страна на „Кичевски Комуналец“ – без полиција, без увид, без истрага, иако на дел од телата има траги од огнено оружје?
И каде се, зошто ги нема на депонија?
Да, Кичево има проблем со прекубројност на бездомни животни – затоа што никогаш никој не го решил. Општината годишно издвојува околу 20.000 евра за оваа проблематика, а 115.000 евра плаќа за обесштетувања за каснувања – и реални и лажирани. Тоа планско и стратешко управување не е. Тоа е комплетно незнаење, или злоупотреба на јавни пари – пари што не се ваши, туку на граѓаните.
Во овој одвратен контекст, единствено што охрабрува се гласните и достоинствени реакции на кичевчани.
Добро е што јавноста јасно се огради од овој срам.
Бараме итна реакција од Обвинителството и МВР, јавна одговорност од градоначалникот и раководството на општината, како и инспекциски служби на терен. Да се проверат камерите, да се фатат сторителите, да има индивидуална и институционална одговорност за оваа ликвидација, порачаа од Анима Мунди.
В.К.
Каде исчезнаа 40 трупа на убиени кучиња, прашува Анима Мунди и бара одговори од градоначалникот Фатмир Дехари
2 Mins Read
Next Article Приведено едно лице поради незаконит лов

