Со затворска казна од пет до петнаесет години се соочува 24-годишното момче, кое синоќа предизвика тешка сообраќајна несреќа во Белград, во која животот го изгубија татко (43), мајка (39) и дете (9), за српските медиуми открива сообраќајниот вештак и професор на Факултетот за сообраќај, Борис Антиќ.
Настанот кој се случи во доцните часови вчера го вознемири целиот регион. Веќе се објавија и видео снимки од моментот на несреќата, кога момчето со возило Ауди со голема брзина минува на црвено светло и удира во авомобилот Хјундаи во кој се превезувало семејството.
Подоцна било утврдено дека возело со 1,17 промили алкохол во крвта.
-Никој кој седнува во автомобил не вели – Јас денес ќе убијам некого, или пак – Јас денес ќе загинам, вели вештакот Антиќ, и додава дека е потребна голема едукација, како и маркетинг за безбедноста во сообраќајот.
-Проблематичноста во сообраќајот е еден од водечките проблеми во светот, и не постои единствен рецепт за да се реши тој проблем во целост. Мора да се работи на стотина работи. Имаме стратегија за безбедност во сообраќајот, но прашањето е колку елементи од таа стратегија се реализирани, истакнува Антиќ.
Б.Н.

