Новинарките Убавка Јаневска на Дума.мк и Весна Коловска на Радио Канал 77 добитнички се на наградата „Илија Жупаноски“ за Најдобар новинарски труд, односно стручен труд подготвен од граѓански организации и поединци, што Фондацијата Метаморфозис по втор пат ја додели на конференцијата е-Општество.мк. Тие се добитнички на наградата како тим на авторки на истражувачката приказна „Конти со кинески врски под британски превез ги однесе заштедите на македонските граѓани“.
Весна Коловска која е новинарка од Штип и Убавка Јаневска, која инаку доаѓа од Велес, им се заблагодарија на членовите на Комисијата и на фондациајта Метаморфозис за која рекоа дека е една од ретките организации која ја препознава работата на новинарите од внатрешноста на државата, објави Дума.мк.
Инаку, темата на наградената истражувачка сторија е пирамидата Конти, на која минатата година се навлекоа илјадници граѓани од земјава, посебно од Кавадарци, Неготино, Велес, Штип, Скопје…
Тие вложуваа парични средства во надеж дека ќе имаат голема заработка, но на крај пирамидалната шема згасна, оставајќи ги без вложената инвестиција.
Како и во други пирамидални шеми, кои во минатото беа актуелни, најголеми шанси за профит имале оние кои се вклучиле порано во играта, а бидејќи сите биле однапред свесни дека немаат гаранција за добивка и лесно можат да останат без вложените пари, по згаснувањето на платформата, ретко кој од играчите на Конти јавно се огласуваше по повод случајот.
Наградата „Илија Жупаноски“пак, е посветена на активист од граѓанскиот сектор кој значаен дел од својот живот го посвети на борбата против дезинформациите и хибридните закани врз демократијата. Жупановски почина на 41-годишна возраст во ноември 2023 година.
В.К.
Фото: Мертаморфозис Фондација

