Зоолошката градина во Скопје ќе стане водечки центар за едукација, заштита на природата и хуман третман на животните, порача градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, на презентацијата на Стратегијата за развој на Зоолошката градина во Скопје, документ што носи јасна визија за модерна, одговорна и хумана институција.
Како што вели, со стратегијата се правел суштински исчекор од поимот на зоолошка градина како место за забава, кон центар за едукација, заштита на природата и грижа за животните.
-Нашата цел е Зоолошката градина да стане училница на отворено, каде децата ќе заминуваат не само со спомени, туку и со знаење, свест и емпатија кон природата. Едукацијата е најсилната алатка за долгорочна заштита на биодиверзитетот.
Клучен столб на стратегијата е трансформацијата на градината во функционално прифатилиште за заштитени и ранливи видови, со професионална ветеринарна грижа и безбедни услови.
Скопје ја презема моралната обврска да биде дом за животните кои не можат сами да опстанат во дивината.
Стратегијата е целосно усогласена со строгите стандарди на EAZA, со јасна цел за полноправно членство.
Тоа значи високи стандарди за благосостојба на животните, активна научна и конзервациска улога, како и највисоки норми за безбедност и одржливост, тврди градоначалникот.
Планирана била целосна модернизација на Зоолошката градина, подобри услови за животните, посетителите и вработените, енергетски ефикасни решенија, зголемена безбедност, како и нови содржини, меѓу кои и центар за хипотерапија за децата со посебни потреби.
-Со овие чекори, Зоолошката градина во Скопје ќе прерасне во современа, едукативна и хумана институција, место каде науката и грижата за животот се среќаваат.
Ова е амбициозна, но неопходна визија и затоа ги повикувам сите – институции, граѓански сектор и бизнис заедница да се вклучат во нејзината реализација, истакна Ѓорѓиевски.
Деск
ЗОО СКОПЈЕ ЌЕ СТАНЕ ВОДЕЧКИ ЦЕНТАР ЗА ХУМАН ТРЕТМАН НА ЖИВОТНИТЕ, КАЖА ЃОРЃИЕВСКИ
2 Mins Read

