Европа е во жалост по ужасната трагедија што се случи на новогодишната ноќ во луксузното швајцарско скијачко одморалиште Кранс-Монтана. Десетици луѓе загинаа во пожарот што избувна во барот “La Constellation”, а грозоморните сцени ги опиша лекар кој беше на местото на настанот и беше меѓу првите што пружија помош.
Во изјава за швајцарската телевизија RTS, тој сведочеше за целосен хаос и паника.
– Сцените беа незамисливи. Огромен број луѓе беа насекаде. Тела лежеа на подот, многумина со тешки изгореници, додека младите луѓе се обидуваа да ги реанимираат, рече лекарот.
Тој изјави дека веднаш им се придружил на своите колеги во пружањето помош на повредените, но нагласи дека голем број луѓе биле во исклучително критична состојба по експлозијата.
“Сите беа критично повредени; викотници одекнуваа насекаде. Некои што успеале да излезат од барот се гушеа надвор, раскажа тој.
Според него, многу од жртвите имале сериозни изгореници, а имало и голем број случаи на труење со чад. На местото на настанот, додава тој, видел претежно млади луѓе, на возраст меѓу 15 и 20 години.
“Видов многу во мојата кариера, но никогаш ништо слично на ова”, заклучи докторот, чиј идентитет не е откриен.
Според првичните извештаи, причината за пожарот можеби биле декоративните свеќи поставени премногу блиску до таванот на барот. Како што објави швајцарскиот весник “Temp”, на тоа укажале двајца француски државјани кои во тоа време биле во објектот.
Деск
СУМ ВИДЕЛ МНОГУ ВО КАРИЕРАТА, НО ВАКВО НЕШТО, НИКОГАШ: ДОКТОР РАСКАЖУВА ДЕКА ЖРТВИТЕ ВО ПОЖАРОТ ВО ШВАЈЦАРИЈА БИЛЕ ПОМЕЃУ 15 И 20 ГОДИНИ
2 Mins Read

