Од утре се отвора ски сезоната на Михајлово, објави градоначалникот Митко Јанчев. Започувањето на ски центарот со работа беше одложено поради неповолните временски услови, а сега, по падот на температурите, а и по вклучувањето на топовите за изработка за вештачки снег, центарот е подготвен да ги прими првите посетители.
-Во функција се двете стази – малата стаза со тепих-лифт, погодна за почетници и најмладите, како и големата стаза „Македонија“ за сите љубители на зимските спортови. Ве очекуваат одлични услови, чист планински воздух и пријатна зимска атмосфера.
Патните правци до Михајлово се чисти и целосно проодни, а нивното одржување и чистење се врши континуирано, соопшти Јанчев.
Ски центарот Михајлово, лоциран на планината Кожув, на околу 35 километри од Кавадарци, беше отворен минатата година. Теренските работи на ски-центарот се донација од компанијата „ЈА МИ“ – Кавадарци, а инвестицијата е донација од 231.660 евра од кои 115.000 евра се од Комерцијална банка, а 115.000,00 евра од „Кожувчанка ДОО“, компанијата на градоначалникот Јанчев.
Во склоп на центарот работи и угостителски локал, каде посетителите можат да купат храна и пијалоци и да се загреат. Може да се изнајми и ски опрема, а предвидено е и присуство на редари, како и на болничка екипа.
Од Кавадарци до ски центарот се стига за околу 40-50 минути со автомобил, а патот, иако е тесен, редовно се чисти и има ознаки со цел посетителите да патуваат безбедно и лесно да ја најдат дестинацијата.
Работното време е од 10.00 до 19.00 часот, а по потреба и во доцните вечерни часови.
В.К.
ОД УТРЕ НА СКИЈАЊЕ ВО МИХАЈЛОВО: ВРЕМЕНСКИТЕ УСЛОВИ СЕ ПОВОЛНИ ЗА ЗИМСКА РЕКРЕАЦИЈА
2 Mins Read

