Нацрт-законот за заштита од пушење е објавен на електронскиот регистер ЕНЕР, а законското решение треба да стапи на сила од први март 2026 година.
Целта на новите, драстични мерки против пушењето, според Министерството за здравство (МЗ) е високата стапка на пушачи во земјава, а државата имала стотици милиони денари трошоци годишно, за лекување на болести предизвикани од пушењето.
Доколку се усвои законот, ќе се забрани пушење во сите затворени јавни објекти, а во објекти каде има рекреативни активности за деца, пушењето ќе било забрането и надвор, пред објектот.
Забрането ќе биде пушењето во јавниот превоз, во сите установи, помеѓу кои и казнено-поправните установи, но и во казината, а и на пазари и саеми.
Се предлага забрана за производство, увоз, дистрибуција, продажба и ставање во промет на тутунски и никотински производи кои содржат ароми или вкусови, како и рекламирање и промоција на тутунски производи.
Казните за прекршување на законските одредби ќе се движат од 2 000 до 3 000 евра за мало правно лице, од 3 000 до 4 000 евра средно правно лице, а од 4 000 до 5 000 евра големо правно лице. Казната за физичките лица ќе биде во износ од 150 до 300 евра, односно сто евра, доколку се плати веднаш.
Во предлог-законот е наведено дека според податоци на СЗО, во Македонија над 45 проценти од возрасната популација пуши.
-Трошоците за лекување на болести поврзани со пушењето се огромни. Директните здравствени трошоци за лекување на болести предизвикани од пушење надминуваат стотици милиони денари годишно, што создава финансиски притисок врз јавниот здравствен систем и ги ограничува ресурсите за други приоритети. Економското влијание на тутунот е значајно, опфаќајќи над 5% од БДП преку здравствени трошоци и загубена продуктивност.
Загадувањето од тутунски чад придонесува за влошување на квалитетот на воздухот во затворени простории. Во земја каде што загадувањето на воздухот е веќе сериозен проблем, ограничувањето на пушењето во јавни и работни простори има директен придонес кон подобрување на квалитетот на воздухот и здравјето на граѓаните.
Пасивното пушење им штети на бебињата и децата, зголемувајќи го ризикот од болести и нарушувајќи го здравиот развој.
Исто така употребата на тутун ја намалува плодноста и наталитетот, дополнително влошувајќи ги демографските предизвици како стареење и намалување на населението. Намалувањето на консумацијата на тутун поддржува поголема наталитетна стапка и поздраво население, појаснето е во предлог-законот на Министерството за здравство.
Деск

