Случајот од Неготино кој вчера го обелодени Основното јавно обвинителство, а во кој 57-годишен неготинец заработи кривична пријава за делата „задоволување на полови страсти пред друг“ и „силување на дете кое нема наполнето 15 години“, како и 40-годишник од неготинско село, кој доби кривична пријава за делото „задоволување на полови страсти пред друг“, ги вознемири граѓаните на ова мало место.
Како што дел од нив раскажуваат за ВИКИМЕДИА, кога се случуваат немили настани во место како Неготино, каде сите меѓусебно се познаваат, тешко дека може да не се дознае и идентитетот на сторителот.
Имено, според ОЈО Кавадарци и според СВР Велес, двајцата мажи во стан во Неготино имале полов однос во присуство на други лица, меѓу кои и 15-годишен малолетник, кој направил видео запис кој подоцна бил достапен на повеќе лица. Исто така, како што откриваат од полицијата, постојат основи на сомнение дека 57-годишникот во октомври 2025 година вршел други полови дејствија со малолетникот, кој тогаш бил на возраст од 14 години, а за тоа му давал пари, велат од надлежните институции.
-Воопшто не не интересира дали возрасни луѓе си правеле оргии, дали некој е геј, и кој што си прави во својот дом, ако никому не прави штета, кога се работи за луѓе во години. Но, тоа што во градот сме имале 57-годишен педофил, сите навистина не вознемири, велат наши соговорници од Неготино.
Додаваат дека го познавале 57-годишникот кој заработи кривична пријава за случајот, и го опишуваат како човек кој не бил конфликтен, туку бил семејна личност, секогаш пријателски настроен со сограѓаните. Велат дека постоел тој премолчен сомнеж помеѓу неготинци дека станува збор за лице кое е можеби бисексуалец, но никој не се ни интересирал за неговата сексуална определба, и го почитувале правото на сопствен избор.
-Револтирани сме што ова се случувало во нашиот град! Се надеваме дека детето – жртва ќе ги надмине траумите, а сторителите ќе добијат казна според закон. Случајот уште еднаш ни покажа дека иако мислиме дека некого го познаваме, всушност никогаш не можеме да знаеме кој што прави зад затворени врати, дури и кога е во прашање мало место, каде сите наводно се знаат. Никогаш да не се повтори, велат вознемирените жители на Неготино – градот кој вчера по објавата на вознемирувачките информации од надлежните институции, се најде во центарот на вниманието на јавноста.
В.К.

