На годишнината од кобната ноќ, кога згасна животот на младата Фросина Кулакова, синоќа, 29-ти јануари, под слоганот „Threads of Light“ („Нишки на светлината“) со донаторска вечер беше одбележан почетокот на работата на Фондацијата што го носи нејзиното име, основана минатото лето од нејзиното семејство.
Пред големиот број на присутни, бура на емоции предизвика премиерната изведба на химната на фондацијата, – ,,Фросина”, во изведба на Александар Митевски и Хорот Фрида, со текст на Огнен Неделковски.

За авторот на стиховите, Неделковски, доволно зборуваат безвременските хитови кои ги создава за нашата естрада со децении наназад. Но, да се напише текст за химната ,,Фросина” и да се оддаде почит со стихови, посветени на споменот на еден млад живот кој згасна, е задача која носела посебна одговорност за текстописецот.
ВИКИМЕДИА разговараше со него околу тоа како се случи создавањето на песната за Фросина, зад чие име стои немерливата лична трагедија на нејзините блиски, но и болката која ја преплави целата заедница по трагичниот настан.
Како што раскажа Неделковски, животните патишта со фамилијата Кулакови им се вкрстиле поодамна, уште кога Фросина била мало девојче.
-Со семејството Кулакови се познавам одамна. Заедно со Љупчо Мирковски пред многу години ја создадовме песната “Динг динг донг”, со која Росица и Димитар го освоија 5-то место на Детскиот Евросонг пред повеќе години. Подоцна со Александар Митевски ја доздадовме и песната “Божик за секој од нас”, на барање на господинот Тодор Кулаков. Во песната освен тогашните музички ѕвезди, настапија и неговите две прекрасни ќерки Росица и Фросина, кои претходно имаа и неколку настапи на фестивалот Супер ѕвезда.
Фросина ја запознав како талентирано, симпатично и емпатично девојче, во чии очи и насмевка се чувствуваше огромна љубов за секого, вели Неделковски.
Раскажува дека по страшната трагедија кај Универзална сала, веднаш сфатил дека настраданото девојче е токму симпатичната најмала принцеза од семејството Кулакови, талентираната Фросина, која во меѓувреме станала и надежна дизајнерка.
-Трагедијата страшно ме погоди и им изразив сочувство на почитуваното семејство Кулакови. Но, немав храброст да им понудам да направиме песна за Фросинче.
Еден ден ми се јави Тодор Кулаков и ми рече дека одлучиле јас и Александар Митевски да создадеме песна во спомен на Фросина.
Таа тешка и одговорна задача неколку денови тлееше во мене и ме измачуваше помислата како ќе одговорам на доверениот предизвик, вели текстописецот.
Но, стиховите сами му дошле, среде ноќ, кога некоја невидлива сила не му дозволувала да заспие, се додека не станал и не го зел перото во рака.
-И… една ноќ во 3 часот по полноќ ме разбуди почетокот на рефренот. Станав и во мобилниот ги запишав првите стихови. Се обидов да продолжам да спијам. Но, некоја невидлива сила не ми го дозволуваше тоа. И така, неколку пати – се’ додека не ги напишав сите стихови од песната. Околу 4 часот наутро.
Веднаш му ја пратив песната на господинот Кулаков и на Александар Митевски, за да ја создаде мелодијата.
Другата ноќ, на сличен начин Митевски ја создал прекрасната мелодија и ја испеал демо снимката. И така ја создадовме “Фросина” – песна која што треба да потсетува и да биде музички споменик на една бескрајно талентирана девојка, но и да опоменува никогаш повеќе да не се повтори судбината на Фросина, ни раскажа Неделковски.
На вчерашното отворање на Фондацијата присуствуваа најблиските на Фросина, голем број на граѓани, како и високи државни претставници.
Делата на македонски уметници и креативци беа изложени и ставени на хуманитарна аукција, преку која беа собрани 512.500 денари.
-Средствата ќе бидат насочени кон програмите на Фондацијата – психосоцијална и правна поддршка за семејства погодени од сообраќајни трагедии, како и фонд за стипендирање млади талентирани уметници кои се соочуваат со социјални и финансиски предизвици, информираа од Фондацијата.
Вики Клинчарова

