Со низа на свечености денес се одбележува верскиот празник Свети Трифун, заштитник на лозарите, и на овој ден традиционално со закројување на виновата лоза, започнува новата лозарска година.
Со штандови со вино и ракија, културно-забавни содржини, настапи на познати музичари, а и присуство на владини функционери, во повеќе општини се слави празникот. Во Кавадарци вечерва ќе настапи бендот Нокаут, во Неготино настап имаше Некст Тајм, во Велес вечерва гостува Љубојна, во Демир Капија – бендот КамБек…
Богат род и бериќетна година на лозарите им посакаа владините претставници и градоначалници, со ветувања дека државата се грижи за земјоделецот, и во наредните години лозарството ќе оди напред, со подобри цени.
Кога се цените на грозјето во прашање, лани цената за откуп на смедеревката изнесуваше 18,90 денари, а за вранецот 21,30 денари. Кога минатата година министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски ги соопшти откупните цени на најзастапените вински сорти на грозје, истакна дека тоа е рекордна цена.
По која цена ќе се откупува грозјето оваа година, се очекува официјално да биде соопштено дури по неколку месеци, односно МЗШВ објави јавен конкурс за избор на институција која ќе направи пресметка на трошоците за производство на килограм винско грозје за 2026 година, каде е истакнато дека пресметката треба да биде доставена најдоцна до 15-ти јули 2026 година.
Тоа би значело дека евентуално, дури во втората половина на месец јули може да се очекува соопштување на конечните откупни цени.
В.К.
СЕ ПРАЗНУВА СВЕТИ ТРИФУН: ЛАНИ СМЕДЕРЕВКАТА БЕШЕ 18,90 ДЕНАРИ, А ВРАНЕЦОТ 21,30 ДЕНАРИ, ЌЕ БИДЕ ЛИ ПОДОБРО ГОДИНАВА?
2 Mins Read

