Евровизиските претставници можат да здивнат, бидејќи популарната награда ,,Барбара Декс” која се доделуваше секоја година на најлошо облечените претставници на Евровизија, замина во историја.
Организаторите на настанот пред три години се огласија со соопштение до јавноста, во кое порачаа дека изборот на најлошо обечен евровизиски претставник нема повеќе да се одржува, бидејќи не сакаат да ги повредат чувствата на избраните.
-Последно нешто кое го сакаме е да ги повредиме луѓето. Во последните години, негативните коментари направија да сфатиме дека е време да ја укинеме оваа награда. Името на наградата секогаш ќе биде поврзувано со нешто грдо, затоа единствена опција ни е да престанеме со доделување на наградата – соопштија од Сонгфестивал.бе.
Инаку, најлошо облечениот евровизиски претставник го избираа гледачите, по пат на онлајн гласање, а Македонија досега два пати имаше победник.
Еднаш во 2005 година, кога Мартин Вучиќ беше нашиот претставник, и по втор пат во 2018 година, кога ,,Барбара Декс” наградата ја добија ,,Ај кју”.

Она кое следеше по добивањето на наградата за најлошо облечени претставници од страна на ,,Ај Кју” наредната година, ја остави јавноста во неверување. Имено, во 2019 година, пејачката на „Ај кју“, Марија Ивановска, преку eBay за 5.000 долари го понуди за продажба костумот што го носеше на Евровизија во Лисабон. Таа бараше и 127 долари за испорака, но јавноста не дозна дали се најде купувач.
Наградата за најлошо облечени учесници на Евровизија прв пат се додели во 1997 година. Македонија, Србија и Португалија ја имаат освоено по два пати.
Инаку, Македонија и годинава нема да учествува на Евровизија, поради економски причини.
В.К.

