По повод јубилејот, 80 години од своето основање, Здружението на новинарите на Македонија, ЗНМ, ги додели годишните новинарски награди, одбележувајќи осум децении континуирана и посветена работа во заштита на новинарската професија, слободата на изразување и јавниот интерес.
Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, во своето обраќање пред присутните се наврати на почетоците на новинарството, на развојот на слободната мисла, на проблемите со кои се соочувале новинарите тогаш, но и на предизвиците со кои се соочуваат и денес.
„Од првите броеви на Нова Македонија и Вечер, преку гласот на Македонско радио, тој најзначаен новинарски сегмент на цела една епоха, до сликата што ја донесе Македонска телевизија, новинарството овде растеше и паѓаше заедно со државата. Со сите нејзини премрежија, со сите нејзини слабости и со сите нејзини надежи. Денешните предизвици се поинакви. Не се секогаш груби и видливи. Понекогаш доаѓаат тивко, преку економска зависност, преку медиуми што едвај опстојуваат, преку СЛАПП тужби, правно насилство што треба да те замолчи со судски трошоци, со непроспиени ноќи, со психички притисок, преку алгоритми што ја наградуваат сензацијата, а не проверената информација, преку сајбер напади и невидливи онлајн квалификации, етикетирања, навреди и закани. Битката денес не е помалку тешка. Само е поинаква, но ЗНМ продолжува да ги брани професионалните стандарди, да стои зад новинарите и да го штити јавниот интерес“, рече Чадиковски.
Во чест на снимателите и фоторепортерите, на свечениот настан беше поставена изложба на фотографии што сведочат за нивниот професионализам, храброст и посветеност, слики што не се само визуелна хроника на секојдневните случувања, туку длабоко сведоштво за времето во кое живееме, оставајќи неизбришлива трага во нашата колективна свест и во историјата на ова општество.
Здружението на новинарите на Македонија им честита на сите добитници и изразува благодарност до сите новинари и редакции кои со својата работа придонесуваат кон зајакнување на професионалните стандарди, транспарентноста и заштитата на јавниот интерес. ЗНМ останува посветено на поддршка и унапредување на професионалното, квалитетно и одговорно новинарство.
Извор: ЗНМ
Фото: Томислав Георгиев

