Ендрју Маунтбатен-Виндзор, поранешен принц и брат на кралот Чарлс, е уапсен под сомнение за злоупотреба на службена должност, објавија британските медиуми.

-Британската полиција соопшти дека тој е во притвор и дека е официјално отворена истрага по детална проценка на достапните информации. Објавените фотографии прикажуваат неозначени полициски возила и полицајци во цивилна облека кои пристигнуваат во раните утрински часови во имотот Сендрингем во Норфолк, каде што се наоѓа резиденцијата Вуд Фарм, во која престојуваше Ендрју.
На фотографиите се гледаат полицајци како разговараат пред имотот, додека неколку возила се паркирани во близина на куќата.
Апсењето беше извршено кратко по осум часот наутро. Инаку, поранешниот принц Ендрју денес го славеше својот 66-ти роденден, пишуваат тамошните медиуми.
Ова е првпат поранешниот принц, кој се соочи со бројни обвинувања за неговите врски со осудениот сексуален престапник Џефри Епштајн, да биде уапсен. Ендрју постојано и категорично ги негираше сите обвинувања.
Во врска со случајот, полицијата го издаде следното соопштение: Во рамките на истрагата, денес (19 февруари) уапсивме маж во шеесеттите години од Норфолк под сомнение за злоупотреба на службена должност и спроведуваме претреси на адреси во Беркшир и Норфолк. Мажот е во полициски притвор.
Нема да го објавиме името на уапсениот маж, во согласност со националните упатства. Исто така, имајте предвид дека ова е активна истрага и треба да бидете внимателни со сите објави за да не го прекршите законот и да не сторите кривично дело попречување на правдата, наведено е во соопштението.
Деск

