Јавното претпријатие ЈП Лајка, кое управува со прифатилиштето за бездомни животни во Скопје, воведе нова иницијатива со која граѓаните ќе имаат можност активно да се вклучат во грижата за кучињата сместени во стационарот.
Станува збор за организирано шетање на кучиња, при што заинтересираните лица можат однапред да изберат кое куче сакаат да го прошетаат, како и да резервираат термин – датум и точен час.
Оваа можност има за цел да ја подобри социјализацијата на животните, да им обезбеди повеќе физичка активност, но и да ја поттикне хуманоста и одговорноста кај граѓаните. Покрај прошетките, од прифатилиштето потенцираат дека ваквите активности можат да придонесат и кон зголемување на интересот за вдомување.
Дополнителни информации за начинот на пријавување и резервација на термин може да се пронајдат на Instagram профилот на ЈП Лајка – jp_lajka skopje, во описот под насловот „Прошетај куче“.
М.К.

