Во недела во Кавадарци ќе се одржи Кавадаречки полумаратон. Ова е осмо издание на настанот, кој секоја година привлекува се повеќе атлетичари од земјава, но и се поголем број на публика која ги бодри учесниците.
Ќе се трча во дисциплините полумаратон – 21 километар, како и на десет и пет километри.
Пријавени се над 450 учесници, а во трката учество ќе земат и околу 300 деца од основните училишта од градот.
Детската трка започнува во 11 часот, додека пак полумаратонот и атлетските трки на десет и пет километри започнуваат во 12 часот, од центарот на Кавадарци.
Во недела градските улици повторно ќе бидат исполнети со тркачи, рекреативци и љубители на спортот, а овој спортски настан од година во година привлекува сè поголем број учесници и посетители.
Покрај спортскиот аспект, полумаратонот има и значајно влијание врз промоцијата на градот. Ваквите манифестации придонесуваат за развој на спортската култура, но и за зголемување на туристичката посетеност, бидејќи голем број учесници и нивни придружници го посетуваат градот токму поради настанот.
Зад Кавадаречки полумаратон стојат Општина Кавадарци и Атлетскиот клуб Меридијан, а настанот освен што е важен за развојот на заедницата, придонесува и за поттикнување на здрав начин на живот.
Вики Клинчарова

