Денеска на моја иницијатива се одржа тркалезна маса посветена на предизвиците во обезбедувањето поддршка и заштита на жртвите на насилство врз жени и семејно насилство, на која заедно со претставници од судството, обвинителството, безбедносниот сектор, експерти и претставници од граѓанскиот сектор разговаравме за конкретни чекори за поефикасна заштита на жртвите, соопшти министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Тој посочува дека семејното и родово базираното насилство е проблем за кој мора да зборуваме отворено и да делуваме решително и дека приоритет е институциите да реагираат што е можно побрзо, а насилникот без оглед на сопственоста на домот, да биде веднаш изолиран од средината, со цел семејството, а особено децата, да бидат заштитени.
-Затоа веќе следната недела ќе го свикаме националното координативно тело за да ги дефинираме брзите интервентни измени на неколку закони – Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, Законот за полиција и Законот за бесплатна правна помош.
Паралелно, Граѓанскиот суд ќе воведе 24-часовно дежурство за побрзо изрекување мерки за заштита на жртвите, ќе потпишеме меморандуми за соработка со невладиниот сектор и ќе донесеме правилник за континуирана едукација на службениците кои постапуваат по случаи на родово базирано и семејно насилство, истакна Тошковски.
Ги повика сите граѓани доколку забележат или се посомневаат на семејно насилство веднаш да ја информираат полицијата и порача дека само со заедничко делување можеме навреме да ги заштитиме жртвите и да спречиме понатамошно насилство.
Деск
ТОШКОВСКИ НАЈАВИ БРЗИ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНИ, СО ЦЕЛ ЗАШТИТА НА ЖЕНИТЕ ОД СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО
2 Mins Read

