Семејството, пријателите и роднините на Ивана Јовановска, утре ќе се приклучат на Осмомартовскиот марш во Скопје.
Веста ја објави Александар, братот на Ивана, и истакна дека ќе учествуваат на маршот, а во мислите ќе ги носат Ивана и Катја.
-Стоп за насилството, не молчиме, не прифаќаме, не се помируваме! Каде? – Парк Жена Борец, Скопје. Кога? – 12 часот, 08.03.2026, објави Александар.
На прашањето на ВИКИМЕДИА, зошто Ивана не заминала порано од насилникот, братот вели дека генерално, семејството не сака да споделува ништо во моментот, и се заблагодарува на разбирањето и поддршката.
Трагичниот настан, кој се случи на втори март, кога Ивана и нејзината 6-годишна ќерка загинаа по пад од зграда, отвори голем број на прашања, на кои јавноста бара одговори.
Младата жена, која со години била жртва на насилство од страна на сопругот Стојанче Јовановски, и која не добила институционална поддршка и заштита навремено, минувала низ пекол.
Како што соопшти денес обвинителството, таа во континуитет била физички и психички малтретирана, постојано навредувана, тепана, понижувана и и биле нанесувани видливи повреди по целото тело од страна на сопругот.
-Овие настани сега починатата, но и очевидци и други сведоци ги пријавувале во надлежните институции. Ваквото сурово и нечовечно постапување од страна на пријавениот како нејзин сопруг се интензивирале во текот на 2025 и 2026 година, поради што сега починатата се нашла во безизлезна состојба и се одлучила на самоубиство, го зела во рацете детето и скокнала од балконот на шестиот кат од станот во кој што живееле, по што двете паднале на бетонската подлога пред зградата и починале на лице место, соопшти обвинителството.
На сопругот – насилник му е одреден притвор и му се ставаат на товар неколку дела кои се гонат во скратена постапка.
В.К.

