Ни ја остави неофицијалната химна ,,Заветна” и почина во туѓина. Годинава во април се навршуваат 18 години од смртта на легендарниот музичар Пепи Бафтировски, кој ја изгуби битката со рак на белите дробови на 66 годишна возраст. Почина во болница во Чикаго, Америка, само пет години откако заедно со сопругата Ава Керш, со ќерката Марина и синот Емил во 2003 година замина во потрага по подобар живот во туѓина.

Како што во повеќе интервјуа ни раскажуваше Ава, уште по пристигнувањето во Америка, Пепи тешко го доживеал привикнувањето на живот во туѓа земја. По неколку години тие се разделиле, но крајот на неговиот живот останале блиски.
Како причина за разводот кој им се случи една година пред Пепи да почине, таа ги наведе проблемите кои ги донел новиот начин на живот и одбивањето на Пепи да се привикне на новата средина.
-Иако тогаш не сакавме, сепак најпаметното нешто кое го направивме со Пепи беше тоа што се преселивме во Америка, ни изјави Ава во последното интервју пред една година. Кажа дека децата и внучињата ја сфаќаат големината на Пепи на нашата сцена и среќни се поради тоа, но не сакаат да се експонираат во јавност.
Денес, речиси 18 години по смртта на легендарниот пејач, кој зад себе остави ризница од хитови, како ,,Заветна”, ,,Сине мој”, ,,Ако згрешам нека изгорам”, ,,Друга љубов не сакам”, се уште се слушаат, а пак ,,Заветна” која ја отпеа пред околу 36 години, стана еден вид на неофицијална химна на земјата.
За оваа патриотска песна стиховите ги напиша Георги Барабаровски, а музиката е на неговиот брат Миле Барабаровски. Истата била напишана во 1987-1988 година, а изминативе години ја обработија повеќе наши музичари. Каролина Гочева, Андријана Јаневска и Игор Дурловски, Бојана Скендеровски, Игор Џамбазов и Гуру Харе…
В.К.

