Комеморацијата беше изнудена, и ние една година чекавме државата да се одважи и да ја одржи, кажа денес Александар Нанунов, татко на Надица, која е една од 63-те жртви во пожарот во Кочани.
Родителите на децата и младинци кои загинаа во пожарот, реагираат дека комеморацијата која денес се одржа во Собранието, поминала со читање на две страници, без да бидат жртвите спомнати со име и презиме.
-Овој чин е многу задоцнет, но важен бидејќи покажува трагедијата во „Пулс“ не е само семена болка, толку институционална одговорност. Затоа очекуваме институциите што поскоро да ја преземат својата одговорност и конечно да има вистинска правда, како што кажа и претседателот Гаши.
Да се надеваме барем правда за децата и дека институциите ќе си ја признаат одговорноста и да се надеваме само на тој чекор, оти на друг, како што гледам, немаме никаква надеж. Ова беше последна надеж и ја изгубивме за жал, рече Нанунов.
Комеморацијата денес започна со едноминутен молк, а потоа обраќање имаше претседателот Африм Гаши. Обраќањето го заврши со зборовите кои ги напишал во книгата на жалост: „Оваа трагедија е последниот аларм за сите политички и општествени чинители: да се вратиме кон самите себе, кон нашата човечност и конечно да се издигнеме како феникс за повторно да ја изградиме оваа држава од почеток, но врз основа на ПРАВДА, ЧЕСНОСТ, ЧИСТА СОВЕСТ И ИСКРЕНОСТ.“
Деск

