И покрај заострените законски измени, секојдневно во земјава се регистрираат голем број на случаи на безобѕирно возење.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, вчера бил лишен од слобода тракторист од Ресен, кој го управувал својот трактор со дури 2,83 промили алкохол во крвта.
Покрај трактористот, во изминатото деноноќие биле лишени од слобода уште 11 лица за безобѕирно возење.
Од вкупно 12 приведени, седум управувале возило без возачка дозвола, тројца возеле и покрај тоа што имале активна забрана за управување возило, еден возел под дејство на алкохол и еден со брзина поголема од дозволената.
-Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај, порачаа од министерството.
Деск

