-Секоја година, кога доаѓа тој први октомври, се враќам на почетокот, на тој кобен ден. Тој момент, кога дознав дека мојот Дражен повеќе го нема, не ми излегува од главата и тоа така силно ме притиска. Живеам сама и само гледам да го преживеам тој ден, и помалку да боли, пред десеттина години во интервју раскажа Елвира, мајката на Дражен, која почина пред две години.
На денешен ден е роден Дражен Ричл – Зијо (1962-1986), човекот чиј глас го прослави бендот ,,Црвена јабука”.

Растел во Сараево, заедно со мајка му Елвира, а татко му починал додека бил мал. Уште од средношколски денови започнал да свири и да настапува со повеќе групи, а во 1985 година заедно со Златко Арсланагиќ го формираат бендот ,,Црвена јабука”.
Веќе во 1986 година групата достигна врв на својата кариера со првиот албум кој ги донесе хитовите “Bježi, kišo s prozora”, “S tvojih usana”, “Nek te on ljubi” и “Dirlija”.
Потоа, исто така во 1986 година ги снимил демо верзиите на песните “Nema više vremena”, “Umrijet ću noćas od ljepote”, “Tugo nesrećo”, “Otrov”, “Da je samo malo sreće”, “Ako, ako”, “Osim tebe ljubavi” и “Za sve ove godine”. Песната “Tugo nesrećo”, која е последната која ја напишал, по неговата смрт стана еден од најголемите хитови на групата.

Неговиот живот заврши трагично кога имаше само 24 години, во тешка сообраќајна несреќа, кога со бендот тргнале на концерт од Сараево кон Мостар. Фиќото со кое патувале се судрило со камион, а во него покрај Дражен, биле и Аљоша Буха и Златко Арсланагиќ. Зад нив, во голф патувале останатите членови, Дражен Жериќ – Жера и Дарко Јелчиќ. Буха починал на самото место, а Дражен во болница, по околу две недели од несреќата.
,,Црвена јабука” и денес е една од најангажираните групи, а Жера, кој дојде на местото – вокал на бендот, на секој настап ги изведува хитовите кои ги остави Зијо.
Деск

