Љубовта кон внуката го однесе во Америка, а тамошното здравство било причина повеќе да замине од Македонија. Пред три години на 21-ви март, на 77-годишна возраст почина популарниот актер Димче Мешковски- Мешко.
Тој зад себе остави ризница од одлично одиграни улоги во ,,Солунски патрдии”, ,,Хихириху”, ,,Женски оркестар”, ,,Викенд на мртовци” и многу други театраски и филмски улоги, а генерациите го памтат и по неговата синхронизација на ,,Попај”, но и на многу други цртани филмови.
Во интерву, неколку години пред да почине, раскажа дека со сопругата се преселиле во Лос Анџелес, бидејќи таму живее нивната ќерка, па помагале околу одгледувањето на нивната внука Леона.

-Животот е убав и скап. Особено за нас, затоа што ние заминавме како пензионери, плус со сите мои здравствени проблеми. Веќе не можам да работам за да допиринесувам дома. Егзистираме скромно, но врзани сме за ќерката и за внуката, затоа сме и таму. Една од причините што заминавме е американската медицина.
Во Лос Анџелес многу добро ме лечат, медицината таму е на највиско ниво. Стручни кадри, стручна екипа, медицинска техника до совршенство. А јас, бидејќи имам повеќе од 65 години, имам право на бесплатно лекување. Сега веќе не сме со ќерка ми, сопругата и јас добивме свој стан, меѓутоа до нас е близу училиштето на нашата внука Леона. Ние ја зeмаме од училиште и поминуваме време заедно додека родителите и се на работа.
Прекрасно е, морам да кажам, Санта Моника е еден од најубавите делови на Лос Анџелес. Тука ни е близу океанот, палмите, и се што е најубаво-раскажа пред десеттина години актерот, кој одигра над 6.000 претстави.
За здравствените проблеми, не криеше дека листата е долга, но храбро се носи со нив. Преживеал мозочен удар, одел на дијализа, имал четири бај-паса, опериран колк… Не криеше и дека е горд на ќерките Јасна и Наташа, како и на внуката, на која и беше посветен во последните години.
Четири години пред да почине дојде на кратко во Македонија, и кажа дека е среќен што луѓето уште го препознаваат.
В.К.

