Само два месеца пред да почине, со Зафир Хаџиманов го имавме последното интервју, во кое не го криеше разочарувањето што надлежните во Македонија, иако веќе бил во години, не се сетиле да го обележат неговиот труд и да му доделат национална награда.
-Во години сум, кога сакал или не, поскауваш да се сетат надлежните и да го обележат мојот труд, достоинствено и праведно. Од страна на претходната влада јас бев прогласен за амбасадор на македонската култура, што јас навистина и без тоа сум, веќе 60 години. Но, национална државна награда е сепак нешто возвишено и неопходно за секој врвен уметник, ни изјави тој кон крајот на јануари 2021 година.
Со Орден за заслуги за Македонија беше одликуван постхумно, во јули 2021 година.
Зафир Хаџиманов, еден од најзначајните уметници во поранешна Југославија, почина на денешен ден пред пет години во Белград, како последица на инфекцијата со вирусот Ковид-19.
Во последното интервју, исто така ни раскажа дека има глеми проблеми со срцето, и поради пандемијата со корона вирус бил буквално во домашен притвор, но сепак се надевал дека ќе го видел грбот на короната, односно дека ќе го дочекал крајот на пандемијата.
Инаку, Зафир е роден и израснат во Кавадарци, а во 1967 година дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Белград, каде остана до крајот на животот. Беше во брак со Сенка Велетанлиќ, една од најпознатите пејачки во поранешна Југославија, а нивниот син Васил е познат џез музичар.
В.К.

