Црна Гора од 1 ноември годинава ќе воведе визен режим за државјаните на Русија, Белорусија и Турција, како дел од усогласувањето на својата визната политика со Европската Унија.
Владата во Подгорица одлучи безвизниот режим за државјаните на Русија и Белорусија да го продолжи до 31 октомври, по што за влез и престој во земјата ќе биде потребна виза. До истиот рок е продолжен и безвизниот режим за државјаните на Турција, како и за Кина и Саудиска Арабија.
Одлуката е донесена во рамките на исполнувањето на завршните мерила од Поглавјето 24 – Правда, слобода и безбедност, со кои Брисел бара Црна Гора целосно да ја усогласи својата визна политика со онаа на Европската Унија.
Според владината уредба, до 31 октомври државјаните на Русија, Белорусија, Турција, Кина и Саудиска Арабија ќе можат да престојуваат во Црна Гора до 30 дена како дел од туристички групи или да влезат со деловен пасош, под услов да имаат обезбедено гарантирано враќање.
Црна Гора веќе ги заостри условите за влез на турските државјани. На крајот на 2025 година, по серија инциденти и протести во делови од Подгорица, безвизниот режим најпрво беше укинат, а потоа максималниот престој без виза беше намален од 90 на 30 дена. Со истекот на важноста на сегашната уредба на 31 октомври, и турските државјани, како и државјаните на Русија и Белорусија, ќе треба да поседуваат виза за влез во Црна Гора.

