Победникот на парламентарните избори во Унгарија, Петер Маѓар, на прес-конференција порача дека земјата нема да биде засолниште за лица обвинети за криминал, вклучително и странски политички функционери.
Одговарајќи на новинарско прашање за можна екстрадиција на поранешните полски функционери Збигњев Жибро и Марцин Романовски, кои се барани од властите во Варшава и имаат добиено азил во Унгарија, Маѓар истакна дека неговата позиција по ова прашање е јасна.
„Унгарија нема да биде депонија за странски криминалци“, изјави тој, алудирајќи дека евентуалната идна влада ќе заземе поцврст став во однос на ваквите случаи.
Иако прашањето се однесуваше на полските функционери, Маѓар во својот одговор се осврна и на поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој доби азил во Унгарија во 2018 година.
„Тоа не се однесува само на нив, туку и на г. Никола Груевски, поранешен претседател на Владата на Северна Македонија, кој, исто така, е престапник“, рече Маѓар.
Со оваа изјава, тој индиректно најави можна промена на политиката на Унгарија кон случаи на политички азил за лица кои се соочуваат со обвиненија во нивните матични земји, што би можело да има пошироки импликации за регионалните односи и правната соработка.
Деск

