Транспарентноста и отчетноста остануваат клучни приоритети во функционирањето на здравствениот систем, при што институциите континуирано работат на подобрување на процедурите и зајакнување на довербата кај граѓаните, изјави министерот за здравство Азир Алиу.
Тој посочи дека според најновиот извештај, уделот на жалбени решенија во здравството изнесува 2,43 проценти, што е под вкупниот државен просек од 2,88 проценти. Најголем дел од спорните прашања, како што нагласи, се однесуваат на евалуацијата на понудите во јавните набавки.
„За помалку од шест месеци го зголемивме резултатот во системот на интегритет од 34,2 проценти во 2024 година на 66,15 проценти во 2025 година“, истакна Алиу на настанот организиран од Центарот за граѓански комуникации, посветен на зајакнување на антикорупциските мерки во јавните набавки.
Министерот информираше дека како дел од реформите е воведена тригодишна набавка на лекови за ретки болести, што обезбедува континуитет во терапијата за пациентите и подобро планирање за добавувачите.
Воедно, новиот Закон за лекови предвидува поефикасни процедури за одобрување и регистрација на лекови, модернизација на системот и скратување на времето за нивна достапност. Предвидени се и механизми за следење на снабдувањето со цел спречување евентуален недостиг.
Дигитализацијата, како што беше нагласено, останува важен сегмент во реформите. Во таа насока веќе е воспоставен нов јавен портал за донации, како и онлајн платформа за анонимно пријавување неправилности и корупција во здравството.
Целта, според Алиу, е здравствениот систем да стане пример за законитост, предвидливост и доверба.
Деск
КРЕИРАНА Е ОНЛАЈН ПЛАТФОРМА ЗА АНОНИМНИ ПРИЈАВИ ЗА НЕПРАВИЛНОСТИ ВО ЗДРАВСТВОТО, ЗДРАВСТВЕНИОТ СИСТЕМ ЌЕ СТАНЕ ПРИМЕР ЗА ДОВЕРБА, ВЕЛИ АЛИУ
2 Mins Read

