Како сцена од криминален филм – вака италијанската полиција го опишува апсењето на осомничен член на озлогласената група „Пинк Пантерс“, во чиј стан бил пронајден вистински арсенал за извршување грабежи.
При претресот, истражителите наишле на шокантна „опрема“: силиконски маски за целосна промена на идентитетот, фалсификувани документи, специјални ракавици што не оставаат траги, како и повеќе мобилни телефони и уреди за комуникација.
Но, тоа не било сè.
Во станот имало и алат за обивање, украдени регистарски таблички, муниција, па дури и уреди за електронско кодирање на автомобилски клучеви – технологија што често ја користат организирани криминални групи за брзи и тивки кражби.
Според полицијата, сè укажува дека осомничениот не бил само во бегство, туку се подготвувал за нов удар. Начинот на кој била складирана опремата открива внимателно планирање и висок степен на организација.
Станува збор за лице кое со години им бегало на властите, а се поврзува со грабеж на луксузни часовници вредни стотици илјади евра.
Истрагата сега се проширува, а властите се обидуваат да откријат дали станува збор за изолиран случај или дел од поширока мрежа на „Пинк Пантерс“ што сè уште дејствува низ Европа.
Деск

