Обвинетиот Стојанче Јовановски денеска на сведочењето во Основниот кривичен суд во Скопје излезе со низа тешки обвинувања, тврдејќи дека бил жртва на закани, уцени и притисоци кои, според него, довеле до трагедијата во која загинаа неговата сопруга и шестгодишната ќерка.
„Ми се закануваше со оружје“, рече Јовановски, посочувајќи го Мартин Саздов како лице кое било во врска со Ивана, како што тврди, го малтретирало подолг период. Тој дури и тврдеше дека дрогата пронајдена во неговиот автомобил не била негова, туку му била подметната.
Обвинетиот изнесе и детали за односот со сопругата Ивана, велејќи дека таа живеела во страв и дека му испраќала пораки во кои го опишувала притисокот што го чувствувала. Според неговата верзија, на кобниот ден дошло до физички напад врз неа од страна на Саздов.
Но обвинителството без двоумење ги отфрли овие наводи. Според обвинителката, станува збор за „јасен обид за манипулација“ и избегнување на одговорност. Таа нагласи дека нема ниту еден доказ што упатува на вмешаност на трето лице, додека психолошките анализи, како што беше кажано во судницата, укажуваат на манипулативни обрасци кај обвинетиот.
Јовановски се соочува со сериозни обвиненија – наведување на самоубиство, семејно насилство, телесни повреди и загрозување на сигурноста. Трагедијата се случи во скопската населба Тафталиџе, каде од балкон животот го загубија неговата сопруга Ивана и 6-годишната ќерка Катја.
Дополнителна сенка врз случајот фрлаат и наодите дека кај обвинетиот биле пронајдени кокаин и седативи, додека кај жртвата имало и постари повреди.
Судењето продолжува, а јавноста внимателно го следи развојот на овој случај кој веќе предизвика силни реакции.
Деск

