-Живеам скромно и достоинствено, како и многумина од мојата публика, имам пензија од 420 евра и не ми треба помош, изјави познатиот пејач Мишо Ковач (82).
Легендарниот хрватски пејач Мишо Ковач повторно се најде во центарот на вниманието откако во медиумите се појавија тврдења дека живее од скромна пензија од околу 420 евра и дека се разгледува можност за организирање концерт со цел да му се помогне финансиски.
Според написите, Ковач живее повлечено во Строжанац, а неговата финансиска состојба била причина поради која се појавила идејата за хуманитарен настап. Дополнително, се споменува дека поради финансиски причини бил доведен во прашање и филмски проект инспириран од неговиот живот и кариера.
Сепак, самиот пејач остро ги демантираше ваквите информации. Во својата изјава, Ковач нагласи дека не бара никаква помош и дека не му е потребен хуманитарен концерт. Тој истакна дека живее скромно, но достоинствено, како и многумина од неговата публика.
Ковач, кој со децении важи за една од најголемите музички ѕвезди на просторите на поранешна Југославија, во последните години се повлече од јавниот живот, пред сè поради здравствени причини. И покрај тоа, неговото име и понатаму предизвикува големо внимание во јавноста, а секоја вест поврзана со него брзо се шири низ регионалните медиуми.
Тој беше еден од најуспешните пејачи на забавна музика во поранешна Југославија.
Деск

