-Имаше страшни моменти додека ги растев ќерките. Се случуваше да јадеме бисквити со вода затоа што немало пари за млеко. До таа мера беше тешко. Не можев да работам, а и не сакав да правам компромиси да пеам нешто што не можам и не сакам. Иако еднаш пробав, прифатив тезга во Германија за да заработам пари за децата, работев од петок до недела и си реков – никогаш повеќе, раскажуваше Маја, жената со раскошен вокал која ги отпеа најубавите, а истовремено најтешките песни за пеење.

На денешен ден пред 72 години во Скопје е родена една од најголемите југословеснки музички ѕвезди – Маја Оџаклиевска, која со децении наназад живее во Србија, првин во Белград, а последните години животот во големиот град го замени со повлечен живот во Велика Плана.
За својот живот како самохрана мајка на ќерките Теа и Андреа секогаш зборуваше отворено, не криејќи ги предизвиците со кои се соочувала низ годините, од периодите на беспарица, до најтешките моменти кога дознале дека Лука, синот на Теа има аутизам. Таа со години се грижеше за Лука, се до неодамна, кога поради возраста решиле да го сместат во специјализирана установа, каде тој ја добивал потребната нега.
-Луѓето со преголеми амбиции се несреќни. Може да имаат империи, но тоа не значи ништо. Материјалното е ништо. Јас немам куќа на Дедиње и базени, живеев со децении во мал стан и задоволна сум со тоа. Не се работи за скромност, туку за сфаќање на ситуацијата и сопствените потреби. Мене ми е доволно тоа што имам покрив над главата, што имам што да јадам и што да облечам. Треба добро да ги распоредите парите што ги имате. Тоа е поентата. Јас никогаш не сум се позајмувала.
Мајка ми еднаш ми рече да си ги истегнувам нозете онолку колку што ми е долга чергата. Ако имаш ќебе, завиткај ги нозете во него, ако имаш јорган, испружи се. Не сакав да му бидам должна никому. Не секогаш сум заработувала премногу пари, но добро сум ги распоредувала. На луѓето парите никогаш нема да им бидат доста. Колку и да имаат, тие ќе измислат нова потреба. Ако навреме се погрижите за сите работи, на крајот ќе се задоволите и со пензијата што ја примате, раскажа Оџаклиевска во постаро интервју.
Деск

