Во соработка со кичевското Здружение на ловци „Елен“, Македонското еколошко друштво (МЕД) пред десетина дена успешно фати и означи рисица на планината Баба Сач. Станува збор за женка, на која ловџиите ѝ го дале името Благица, по повод празникот Благовец.
Според МЕД, единката е здрава, стара околу 4–5 години и тешка приближно 17 килограми. Во акцијата бил вклучен и доктор по ветеринарна медицина од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, кој на терен извршил детална проверка на здравствената состојба на животното, вклучително земање крв и брисеви, како и контрола за присуство на крлежи.
По ставањето на околувратник со радиотелеметрија, Благица редовно се следи. Податоците покажуваат дека таа се движи на планините Баба Сач и Илинска-Плакенска, подрачја во кои досега не бил следен балкански рис со ваков метод.
Од МЕД посочуваат дека ловџиите од „Елен“ веќе регистрирале прв улов на срна, што укажува дека животното успешно се адаптира по зафатот и дека нејзината здравствена состојба е стабилна.
Истражувачите нагласуваат дека следењето на женки е особено значајно за конзервацијата на видот, бидејќи тие имаат клучна улога во репродукцијата и опстанокот на популацијата. Во наредниот период, вниманието ќе биде насочено кон евентуално утврдување на принова, што би претставувало важен индикатор за состојбата на популацијата на балканскиот рис во земјата.
Деск
ФАТЕНА И ОЗНАЧЕНА СО ОКОЛУВРАТНИК ЖЕНКА РИС, ЛОВЏИИТЕ И ГО ДАЛЕ ИМЕТО БЛАГИЦА!
2 Mins Read
Previous ArticleТИГАР ВЛЕГОЛ ПОМЕЃУ ПУБЛИКАТА ВО РУСКИ ЦИРКУС

