Во еден момент сите часовници во мојот дом застанаа. Не знаев што се случува, беше многу чудно. Подоцна ја слушнав веста. Заминала Ѓурѓица Барловиќ, жената која ги отпеа најубавите песни на нашата група Нови Фосили. Таа беше силна, со одлично здравје, бев шокиран од веста, раскажуваше музичарот и композитор Рајко Дујмиќ, за смртта на легендарната Ѓурѓица Барловиќ (1950-1992).
На денешен ден е родена хрватската пејачка со ангелски глас која заедно со Нови Фосили ни ги остави евергрините „Najdraže moje”, „Šuti moj dječače plavi”, „Zbogom”, „Saša”, „Plava košulja”, „Hoću li znati”, „Tonka”, „Ključ ispod otirača”, „Sklopi oči”, „Tajna”, „Čuješ li me, jel ti drago”, „Reci mi tiho, tiho”, „Ne budi me mati”…

Уште од рана младост станала дел од музичкиот свет, а во 1978 година им се приклучи на Нови Фосили со кои уриваа рекорди низ цела поранешна Југославија. Нивните песни и до денес се слушаат во сите поранешни републики. Во 1982 година таа ја напушти групата, сакајќи да се посвети на семејството, но продолжи со соло кариера и објави четири албуми.
-Не и се налутив кога замина од Нови Фосили. Ние живеевме и работевме со такво темпо, што беше неизводливо за една жена и мајка да може да го издржи сето тоа. Сепак, додека беше дел од групата, таа ниту еднаш не задоцни на проба, секој концерт и турнеја професионално ги одработи, никогаш не и пукна гласот и покрај неверојатната агенда која ја имавме, раскажуваше Дујмиќ. По неа, на чело на Нови Фосили дојде Сања Долежал.
Ненадејната смрт на Ѓурѓица беше шок за цела Југославија. Таа почина од разорен инфаркт во својата 42-ра година. И се слошило додека пливала на плажа во Паг, по што била пренесена во болница во Задар, каде нејзиното срце престана да чука. Зад себе ги остави синовите Борна и Хрвоје, како и сопругот Брацо кој беше стоматолог. Во интервју за хрватските медиуми, нејзините синови раскажаа дека семејството секогаш и било на прво место и била жена која знаела да поправи се низ домот.

-Во домот секогаш се беше на свое место, уште се сеќаваме на вкусот на храната која одлично ја приготвуваше, а знаеше да смени и автомобилска гума. Сите креации со кои се појавуваше на настапи самата ги шиеше. Ние уште ја чуваме нејзината венчаница и ги оживуваме сите спомени кои ни останаа од нашата мајка, раскажаа браќата.
Деск

