Основно јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Мети Сејдини, поради основано сомнение за сторено кривично дело „проневера во службата“.
Според Обвинителството, во периодот ноември – декември 2024 година, осомничениот, во својство на службено лице, прибавил противправна имотна корист во износ од околу 660.000 евра за правно лице од Скопје.
Сомнежите произлегуваат од реализација на проект финансиран со средства од УЕФА, во рамки на програмата „ХетТрик VI“, наменета за развој и ревитализација на спортска инфраструктура. Станува збор за изградба на трибина на стадионот Билјанини извори во Охрид, за која по спроведена тендерска постапка била избрана понуда во вредност од околу 3,3 милиони евра без ДДВ.
Истрагата утврдува дека, иако тоа не било предвидено во тендерската документација ниту побарано од изведувачот, а не било ни одобрено од Управниот одбор, осомничениот внел дополнителен услов во договорот – исплата на аванс од 20 проценти од вкупната вредност на договорот.
На 17 декември 2024 година, по налог на осомничениот, на избраната компанија ѝ биле исплатени околу 660.000 евра авансно, пред започнување на градежните работи и без обезбедување гаранција.
Од Обвинителството посочуваат дека постои опасност од бегство, како и можност за влијание врз сведоци, поради што до судијата на претходна постапка е доставен предлог за определување мерка притвор.
Истрагата е во тек, а надлежните институции најавуваат дека ќе продолжат со прибирање докази за целосно расчистување на случајот.
Деск

