Во пресрет на Меѓународниот ден на трудот, во просториите на Сојузот на синдикатите на Македонија се одржа прес-конференција на која претседателот Слободан Трендафилов го најави традиционалниот првомајски протест и упати повик до работниците масовно да се приклучат.
Трендафилов истакна дека 1 Мај не е ден за одмор, туку за работничка борба и изразување незадоволство од економската состојба. Според него, повеќе од 260.000 работници во земјава примаат плата пониска од 600 евра, што претставува околу половина од работната сила.
Главно барање на протестот, како што посочи, е зголемување на минималната плата на 600 евра. Тој нагласи дека последното усогласување на минималната плата било недоволно, особено ако се земе предвид растот на трошоците за живот. „Со минималните примања не може да се покријат ни основните потреби на едно семејство“, рече Трендафилов.
На прес-конференцијата беше посочено и дека постои сериозна загриженост за состојбата со колективните договори, поради можноста од нивно укинување, што би имало негативни последици врз платите и правата на работниците.
Дополнително, синдикатот алармираше за безбедноста на работните места, посочувајќи дека зачестените несреќи и смртни случаи претставуваат сериозен проблем кој бара итна реакција од надлежните институции.
Од Сојузот на синдикатите на Македонија најавија дека протестот ќе започне во 11 часот пред Работничкиот дом, по што ќе продолжи пред Собранието, Стопанската комора и Владата, каде ќе бидат упатени конкретни барања.
Трендафилов ги повика работниците да не останат пасивни и да го кренат својот глас, нагласувајќи дека бројноста на протестот ќе биде јасен показател за степенот на незадоволство.
Од ССМ порачаа дека работничката борба е долгорочен процес и најавија дека, доколку не бидат исполнети барањата, ќе продолжат со нови протести и синдикални активности и по 1 Мај.
Деск

