Млади математичари од Македонија, кои редовно освојуваат медали на престижни меѓународни натпревари, се соочуваат со сериозен финансиски предизвик – покривање на трошоците за учество на сите олимпијади на кои се квалификуваат.
Од Сојузот на математичарите на Македонија (СММ) за ВИКИМЕДИА потврдуваат дека се потребни донации за да им се овозможи на најталентираните ученици да ја претставуваат државата на меѓународната сцена, а граѓаните и општествено одговорните компании можат да донираат на денарската и девизната сметка на ССМ.
Иако државата обезбедува средства за учество на еден натпревар годишно, младите математичари често се пласираат на повеќе значајни натпревари, како што се Балканската, Европската и Светската олимпијада по математика. Дополнителните патувања, сместување и организациски трошоци, во голем дел, паѓаат на товар на нивните семејства.
„Станува збор за ученици кои веќе имаат освоено златни, сребрени и бронзени медали, но без соодветна поддршка, нивното понатамошно учество е доведено во прашање“, потврдуваат од Сојузот на математичарите на Македонија, и потсетуваат на успесите на првата Европска математичка олимпијада што се одржа во Вилнус, Литванија.
Од таму, Дамјан Давков се врати со златен медал и беше на прво место на табелата како најуспешен натпреварувач, сребрен медал освои Ивано Божиновски, а бронзен – Леонид Тодороски. Учествуваа и Андреј Тасиќ и Марко Митевски.
За натпреварот во Вилнус, само авионските билети достигнале цена од околу 2.500 евра, без да се пресметаат останатите трошоци. Во наредниот период, дел од учениците треба да патуваат и на натпревари во регионот, што дополнително го зголемува финансискиот товар.
Годинава СММ организира учество на македонските ученици на пет меѓународни натпревари, и тоа на Меѓународната математичка олимпијада во Шангај, Кина, (трошок што ќе го намири Министерството за образование и наука), потоа Европската математичка олимпијада во Вилнус, Литванија, Балканската математичка олимпијада во Солун, Грција, Европската математичка олимпијада за девојки во Бордо, Франција и Меѓународната економска олимпијада во Кина.
Од СММ нагласуваат дека вложувањето во овие млади луѓе е вложување во иднината на државата, бидејќи станува збор за таленти кои имаат потенцијал да станат водечки научници, инженери и професионалци во различни области.
Во прилог денарската и девизната сметка за донации:
Сојуз на математичарите на Македонија
Ул. Архимедова бр. 3, Скопје,
Жиро сметка: 300000001276071
ЕДБ: 4030991121596, депонент на Комерцијална банка АД
Company name: Sojuz na matematichari na Мakedonija Skopje
Address: Ul. Arhimedova br 3 Skopje
Acc. No. : 0270100300114
IBAN: MK07300701003001147
BENEFICIARY’S BANK:
Komercijalna banka AD Skopje
Ul. Orce Nikolov br. 3, 1000 Skopje, Macedonia
BIC/SWIFT CODE: KOBSMK2X
В.К.

