Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) информира дека на 14 јануари 2026 година официјално започна новиот европски проект LIFE DinPin Bear, чија цел е долгорочно зачувување на популацијата на кафеава мечка во Динарско-Пиндскиот регион.
Проектот опфаќа девет земји долж регионот – Албанија, Македонија, Босна и Херцеговина, Грција, Косово, Хрватска, Црна Гора, Србија и Словенија – што претставува една од најголемите прекугранични иницијативи за заштита на големите месојади во Европа.
Според МЖСПП, иницијативата обединува околу 20 партнери, меѓу кои универзитети и научно-истражувачки институции, државни и локални власти, како и еколошки невладини организации, вклучително и Македонското еколошко друштво.
Проектот се фокусира на популацијата на кафеава мечка (Ursus arctos), која во овој регион брои околу 4.000 единки. Оваа популација е специфична поради нејзината распространетост во најголем број земји во Европа, што го прави нејзиното управување особено комплексно.
LIFE DinPin Bear има за цел воспоставување на стабилни правни, управувачки и социо-економски услови за одржливо коегзистирање меѓу луѓето и мечките. Меѓу клучните активности се:
-истражување и намалување на фрагментацијата на живеалиштата;
-управување и намалување на конфликтите меѓу луѓето и мечките;
-зајакнување на правната и процедуралната рамка за мониторинг на популациите;
-унапредување на транснационалната соработка;
-вклучување и поддршка на локалните заедници и засегнатите страни.
Од Министерството нагласуваат дека проектот претставува значаен чекор кон долгорочна заштита на биодиверзитетот и подобрување на коегзистенцијата меѓу човекот и дивиот свет во регионот.
Деск
Previous ArticleФИЛИП НИКОЛОСКИ: НЕМА ЛОША СУДБИНА, АКО ПЕСНАТА ДРУГАР ТИ Е!

