По последните информации за случаи на зараза со Хантавирус, кај многумина се појави страв и загриженост околу тоа колку е опасен вирусот и на кој начин се пренесува. Хантавирусот не е нов вирус, но повторно стана тема во светските медиуми по неколку пријавени случаи и сомнежи за зараза во различни делови од светот.
Станува збор за ретка, но потенцијално сериозна вирусна инфекција која најчесто ја пренесуваат глодари, особено стаорци и глувци. Експертите објаснуваат дека луѓето најчесто се заразуваат кога вдишуваат честички од урина, измет или плунка од заразени глодари.
Ризикот е поголем во затворени и непроветрени простории каде имало присуство на глувци, како подруми, викендички, складишта или стари објекти.
Вирусот не се пренесува лесно од човек на човек, а во најголем дел од случаите инфекцијата е поврзана со контакт со заразени глодари или нивни траги.
Симптомите обично почнуваат 1–8 недели по изложување:
Рани симптоми: треска, замор, болки во мускулите, главоболка, мачнина и повраќање.
Подоцна може да се развијат: кашлица, отежнато дишење, натрупување течност во белите дробови. Некои форми може да предизвикаат и сериозно оштетување на бубрезите.
Нема специфичен антивирусен лек за повеќето хантавируси. Лекувањето е главно: болничка нега, кислородна поддршка и следење на дишењето и бубрезите. Раното препознавање значително ги подобрува шансите за закрепнување.
М.К.

