Лидерот на СДСМ, Венко Филипче упати остри критики кон премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО – ДПМНЕ, оценувајќи дека најголемата закана за македонскиот национален идентитет не се уставните измени, туку, како што рече, „криминалот и корупцијата“.
Во своето обраќање, Филипче истакна дека внесувањето на малцинствата во Уставот не претставува слабеење на државата, туку нејзино зацврстување и поголема општествена кохезија.
„Кога малцинствата се дефинирани и им се гарантираат правата со највисокиот правен акт на државата, тоа не нè слабее, туку нè прави посилни“, изјави Филипче.
Лидерот на СДСМ обвини дека власта свесно ја блокира европската перспектива на државата со цел, како што рече, да ги заштити сопствените политички и криминални интереси.
Според него, продолжувањето на европскиот пат би значело примена на европски закони, поголема одговорност и функционирање на правната држава.
„Единственото што е вистински загрозено со уставните измени е криминалната група на ВМРО и Христијан Мицкоски лично“, рече Филипче.
Тој додаде дека македонскиот идентитет е „најсилен кога е дел од Европа, а не кога е затворен во изолација и сиромаштија“.
На крајот од обраќањето, Филипче порача дека граѓаните имаат јасен избор меѓу, како што наведе, „европска Македонија“ и „криминална изолација“.
Деск

